Наградата за победа на Четири скокалници е смешна – Роналдо тие пари ги заработува за 6 секунди!

Домен Превц со стил го отвори турнирот „Четири скокалници“ и веднаш се наметна како еден од главните фаворити за освојување на Новогодишната турнеја.

Словенецот триумфираше во Оберсдорф со два импресивни скока од 141,5 и 140 метри, за вкупно 316,7 поени. Со победата, лидерот во Светскиот куп заработи 15.000 евра, сума која во светот на ски-скоковите има голема тежина, но која звучи речиси симболично ако се спореди со фудбалската реалност. Имено, Кристијано Роналдо истата таа сума ја заработува за околу шест секунди од својот договор со Ал Наср вреден 200 милиони евра по сезона.

Успехот на Превц има и историско значење – тој стана првиот Словенец кој победил на скокалницата во Оберсдорф во машка конкуренција.

„Конечно го симнавме проклетството. Знаев дека ова е прва словенечка победа тука и тоа ми значи многу. Скоковите изгледаа лесно, но мораше да останам максимално фокусиран. Чувството е неверојатно“, изјави Превц по натпреварот.

Второто место го освои Австриецот Даниел Чофениг со 299,2 поени, додека трет беше Германецот Феликс Хофман со 297,3. Словенецот Тими Зајц првично беше втор, но подоцна беше дисквалификуван поради неправилен дрес. Пријатно изненадување на стартот беше и 18-годишниот Полјак Кацпер Томасијак, кој на своето деби на турнејата го освои 14. место и зад себе остави голем број искусни натпреварувачи.

„Четири скокалници“ продолжува во Гармиш-Партенкирхен на 1 јануари 2026 година, по што следуваат натпреварите во Инсбрук (4 јануари) и Бишофсхофен (6 јануари). Победник ќе биде ски-скокачот со најмногу бодови по завршувањето на сите четири натпревари.