Ангеловски и Работнички три години ја „мамеле“ ФФМ – екс селекторот работел без лиценца!? (ФОТО)

Македонскиот фудбалски прволигаш Работнички ја довел во заблуда Фудбалската Федерација на Македонија, затоа што со лажен допис тврделе дека поранешниот селектор Игор Ангеловски, во времето кога работел како тренер во клубот од Дебар Маало, имал активна А-лиценца. А, немал!

Во вчерашниот брифинг со новинарите, претседателот на ФФМ Масар Омерагиќ, во еден од одговорите околу последните препукувања на Ангеловски со раководството на Федерацијата вели: Многу е дискутабилно како се добиени неговите лиценци, а и начинот на кој што е станат селектор...

Денеска популарниот Мрме во нова реакција на социјалните мрежи, меѓудругото побара од ФФМ ревизија на сите издадени ПРО - лиценци, вклучително и неговата, како и објава на целиот регистар во кои се напишани имињата на носителите.

Но, проблемот не била неговата ПРО – лиценца, туку претходната А-лиценца, таа со која работеше во Работнички како тренер пред да стане селектор.  

Спорт1 дојде до дописот кој едукативниот центар на ФФМ го доби со кој клубот од Дебар Маало изјавува дека Игор Ангеловски работи како нивен тренер со А-лиценца од 2011 година. На дописот е потпишан Драган Поповски, тогашниот претседател на Работнички.

Но, вистината е малку поинаква – Ангеловски ја добил А-лиценцата дури на 5 јули 2014 година. Што значи дека бил во улога на тренер на Работнички без потребна дозвола за тоа.

Не се знае причината за овој тогашен потег на Работнички, но давање лажна изјава и работење без легитимна дозвола, е сериозен етички престап, кој може да доведе и до низа претпоставки како се работело во ФФМ во тој периодот.