Крај за монополот на македонските тренери – се укинуваат „лудите“ критериуми за странци!

Од почетокот на следната година би можело да се очекува наприл на странски тренери во макбаскетот, откако на денешното Собрание на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) беше кажано дека е во процедура промена на правилникот според кој домашните тренери имаа заштите статус речиси како и – белите мечки.

Дел од клубовите под точката разно побараа промена на критериумите за работа на стратези од странство, кои одамна се оценети како „луди“ бидејќи нив можеа да ги исполнат само тренери како Жељко Обрадовиќ, Пешиќ, Тринкиери, Јасикевичиус, Спанулис и други европски ведети, кои ниту во сон не би помислиле да дојдат да работат во Македонија. Челниците на КФМ денеска потенцираа дека во иднина лиценците за тренерите наместо Здружението на кошаркарски тренери, кое пред седум-осум години го донесе овој нереален правилник со цел да се направи монопол, во иднина ќе ги издава Комисијата на тренери која нема да биде посебно тело туку ќе работи во склоп на Куќата на кошарката.

Ова би значело дека во иднина, можеби уште во текот на оваа сезона, клубовите би можеле без никакви проблеми да ангажираат странски тренери, ако би процениле дека е тоа подобро за остварување на целите, без да бидат ограничени да бараат имиња кои воделе екипи во Евролигата или имаат медали од Олимписките игри и Светските и европски првенства. Дополнително, се планира да се дозволи и ангажирање стратези од странство и во младинската конкуренција, бидејќи тоа може да ѝ донесе само добро на македонската кошарка, бидејќи би се добиле подобро обичени и поквалитетни таленти.