ФФМ: Вардар е оштетен со Тиквеш, не му е досуден чист пенал! (ВИДЕО)

Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја објави анализата за дуелот меѓу Вардар и Тиквеш (0-3), во која констатира дека „црвено-црните“ биле оштетени.

Вардар не добил чист пенал во 37. минута при водство на Тиквеш од 0-1, а во продолжение следи целосното соопштение на ФФМ.

„37. минута: При нафрлување на топката од левата страна во казнениот простор на гостинската екипа, одбранбениот играч со број 6 на гостите го блокира центаршутот удирајќи ја топката со десната рака, која е подигната во неприродна положба и одвоена од телото, со што очигледно го зголемува волуменот на своето тело. Согласно Правило 12 од Правилата на фудбалската игра (Играње со рака), ваквиот контакт претставува казнив прекршок. Главниот судија Фатмир Бафто, согласно неговата поставеност, тој не е во можност да направи точна проценка, дозволи играта да продолжи и не досуди очигледен казнен удар за домашната екипа.

Дополнително, Судискиот одбор констатира сериозен пропуст и непочитување на ВАР протоколот од страна на судиите во ВАР собата — ВАР судијата Влатко Илиоски и АВАР судијата Борис Трајков. При проверката на спорниот момент во ВАР собата не биле прегледани сите достапни агли на камерите (вклучително и аголот зад голот каде јасно се гледа контактот со подигнатата рака) и ситуацијата не била анализирана со враќање на снимката на брзина од 50%, 25% и кадар по кадар (frame-by-frame). Поради ваквиот пропуст изостанала задолжителната интервенција и повик до главниот судија за преглед на снимката на терен (On-Field Review), со што би се коригирала првичната одлука и би бил досуден казнен удар за домашната екипа.

Со овој пропуст и кардинална грешка на ВАР судиите при резултат 0-1 за гостинската екипа, екипата на ФК Вардар е директно оштетена“, соопшти ФФМ.

Целосното соопштение и видеото може да се погледнат ТУКА.