Нов предизвик за Талески: Македонскиот ракометар замина за Швајцарија (ВИДЕО)

Македонскиот ракоемтар Филип Талески официјално го засили швајцарскиот ХСЦ Сур Арау, кој го потврди неговиот ангажман и најави дека искусниот бек ќе биде во составот уште на следниот натпревар.

Талески пристигнува во Швајцарија по настапите за Охрид. Неговиот трансфер извесен период бил во исчекување поради административните процедури за добивање работна дозвола, но откако пречката била надмината, договорот е финализиран.

Новиот клуб веднаш ќе смета на услугите на македонскиот ракометар. Талески треба да дебитира во неделната пресметка против Хандбал Штефа, во салата „Шахен“.

„Многу сум возбуден што станувам дел од овој амбициозен клуб. Мојот целосен фокус сега е што побрзо да се вклопам во тимот и да се подготвам за претстојните натпревари. Швајцарската лига е силна. Сакам да придонесам со моето меѓународно искуство, да му помогнам на тимот и на теренот и надвор од него, како и заедно со нашите навивачи да прославиме многу успеси“, изјави Талески.