Љубомир Спасиќ меѓу најдобрите во Европските купови: Македонецот петти во конкуренција од 257 кајакари!
Спасиќ по првото возење во саботните спринт-трки стигна до шестата позиција, а по комплетирање на второто возење заврши на седмото место.
Со освоените бодови од финалниот натпревар, Спасиќ ја заокружи сезоната на петтото место во генералниот пласман на Европските купови за 2026 година, во силна конкуренција од дури 257 натпреварувачи.
Успешниот настап на Љубомир Спасиќ во Велс беше надополнет и со освоеното второ место во тимскиот настап, каде што настапи во мешан состав заедно со натпреварувачи од Србија.
Дополнително, на денешните класични трки Спасиќ се пласираше на осмата позиција, со што уште еднаш се потврдува дека македонскиот спуст константно има резултати и пласмани во најдобрите топ 10 кајакари на европски и светски натпреварувања.
„Задоволен сум од континуитетот во текот на целата сезона и од начинот на кој го заокруживме настапот во Ланголен. Да се биде петти во генерален пласман од 257 натпреварувачи и постојано да се држи чекор со најдобрите десет во Европа и светот е голема мотивација за понатаму. Посебно ме радува и тимскиот подиум, како и успехот на помладите сили“, кажа Спасиќ.
Следниот голем предизвик за Спасиќ се натпреварите во Кина, кои ќе се одржат во периодот од 14 до 21 декември.
Покрај одличните резултати на Спасиќ во сениорска конкуренција, голем успех за македонскиот кајак во Ланголен оствари и Благој Гугинов, кој е победник во генералниот пласман на Европските купови во јуниорска конкуренција.