Македонец стана шампион на САД во - женски фудбал!
Во драматичното финале одиграно на стадионот „Ауди Филд“ во Вашингтон, Канзас Сити го совлада домаќинот Вашингтон Спирит (2-1), со што за првпат во својата клупска историја го подигна шампионскиот пехар. Кметовски, кој во стручниот штаб ја извршува улогата на тренер на голманките и асистент-тренер, имаше значаен придонес во стабилноста на екипата и врвната форма на бразилската репрезентативка Лорена, една од клучните фигури во походот кон трофејот.
За 54-годишниот скопјанец ова е круна на долгогодишната посветена работа. По 15-годишната играчка кариера како голман во домашните клубови Балкан, Работнички, Цементарница 55, Вардар, Милано и Тетекс – зачинета со трофеи во Првата лига и Купот, како и настап за сениорската репрезентација на Македонија во 2005 година – Кметовски целосно се посвети на тренерската професија. Со највисоките УЕФА „А“ и УЕФА „Про“ лиценци за работа со голмани, тој освои два национални купа со Тетекс и Металург, а беше и директор за развој на голмани во ФФМ.

Неговата американска авантура започна во 2018 година на покана на Влатко Андоновски, поранешен селектор на женската селекција на САД. По пет успешни сезони во ОЛ Реин (денешен Сиетл Реин), каде што се етаблираше како еден од најценетите специјалисти за голмани во лигата, во 2024 година се пресели во Канзас Сити Карент. По силната сезона во која во плејофот го елиминираа и бранителот на титулата Готам ФЦ, триумфот во Вашингтон дојде како заслужена награда.