Ферстапен го освои Лас Вегас во најлудата Ф1 трка деценијава со – 35 промени на врвот!

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, триумфираше на Големата награда на Лас Вегас во Формула 1, славејќи во највозбудливата трка сезонава пред двоецот на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пјастри.

Холанѓанецот мина низ целта со само шест десетинки предност пред Норис, во спектакл кој го одбележаа дури 35 промени на водечката позиција во текот на 50 круга и жесток инцидент меѓу возачите на Ферари. Трката понуди неверојатна неизвесност од самиот старт, а благодарение на воздушното струење и бројните претекнувања, на чело на колоната се менуваа Ферстапен, Џорџ Расел, Кими Антонели и Ландо Норис. Посебно атрактивен беше дуелот меѓу првите двајца, кои дури 12 пати ја разменија првата позиција. Сепак, Британецот во самата завршница направи голема грешка, удри во заштитната ограда во петтата кривина и испадна од борбата за победа, завршувајќи дури на деветтото место.

Холанѓанецот го искористи расплетот на патеката, презеде контрола во финишот и ги одби нападите на Норис за уште еден голем триумф. Пјастри се искачи на третото скалило на подиумот, додека новиот светски шампион Кими Антонели заврши на четвртата позиција. Големо внимание привлече и новиот инцидент во таборот на Ферари. Во 38. круг, Шарл Леклер се обиде да го претекне клупскиот колега Луис Хамилтон, но дојде до контакт во седмата и осмата кривина, по што Британецот се изврте на патеката. Судиите по истрагата го казнија Леклер со десет секунди, поради што падна на десеттото место. Без казна не мина ниту Хамилтон, кој претходно заработи десет секунди поради излегување од патеката и стекнување предност во дуел со Норис, па трката ја заврши како седми.

Покрај возбудувањата на асфалтот, Лас Вегас уште еднаш ја оправда репутацијата на најгламурозна станица во календарот со присуство на бројни ѕвезди од светскиот џет-сет. Посебна атракција беше церемонијата по трката, кога холивудскиот актер Кијану Ривс ги возеше тројцата најбрзи возачи до победничкиот пиедестал.

Караванот на Формула 1 сега се сели во Катар, каде од 27 до 29 ноември ќе се вози следната трка на патеката „Лусаил“. Кими Антонели веќе пред две трки ја обезбеди светската титула, а Мерцедес конструкторскиот трофеј, па до крајот останува борбата за преостанатите позиции во генералниот пласман.

ФОТО: X / @F1