Бока јуниорс го освои Купот Судамерикана, Паредес колабира среде интервју (ВИДЕО)

Аргентинскиот гигант Бока Јуниорс ја освои титулата во Копа Судамерикана, откако ноќеска во големото финале го совлада бразилски Атлетико Минеиро (2-0) и тоа со головите на Сантијаго Аскасибар и Мигел Мерентиел.

Овој триумф претставува прв интернационален трофеј за Бока по подолг период, што очекувано донесе големо и бурно славје по завршувањето на натпреварот. Сепак, еуфоријата за момент беше засенета од непријатен и вознемирувачки настан, откако капитенот Леандро Паредес колабираше додека даваше изјава пред медиумите. Лекарските екипи реагираа веднаш и започнаа со реанимација на самото место. Според првичните информации, до колапсот дошло поради преголем замор и нагол пад на крвниот притисок. Натпреварот се одигра во колумбискиот град Баранкиља на температура од 30 степени и влажност на воздухот од неверојатни 80%.

По укажаната прва помош, Паредес бил пренесен во болница на преглед. За среќа, неговата состојба брзо се стабилизирала, по што бил пуштен од болницата и заминал во тимскиот хотел, каде со големо олеснување го пречекале неговите соиграчи.