Почетокот на колапсот на Јунајтед: Солскјер ги барал Халанд, Белингам и Рајс, ги доби – Санчо и Ван де Бек
Без директно да се спомене името на лицето кое е најодговорно, на навивачите на Јунајтед и фудбалските експерти веднаш им е јасно дека во тоа време алфа и омега на трансфер политиката беше Ед Вудворд, човек близок до семејството Глејзер и кој буквално беше избркан од публиката на „Олд Трафорд“ бидејќи неговите потези на пазарот значително му наштетиле на клубот.
Авторот на текстот тврди дека Солскјер ги имал Ерлинг Халанд, Џуд Белингам и Деклан Рајс како свои три најголеми желби. Тоа е во перидоот кога Халанд сè уште ги полнеше мрежите во Салцбург, Белингам штотуку се појави во Бирмингем, а Рајс беше ѕвезда во подем во Вест Хем. Клубот стави вето на сите три опции, туркајќи ја идејата дека на Јунајтед му се потребни поконкретни решенија, некој што може да донесе моментална супериорност на теренот. Место нив, дојдоа Дони ван де Бек за 39 милиони евра во летото 2020 година, Џејдон Санчо беше платен 85 милиони евра една година подоцна, додека Кристијано Роналдо се врати за 17 милиони евра истото лето. Во меѓувреме, Халанд и Белингам заминаа во Борусија Дортмунд во 2020 година, а Рајс потпиша за Арсенал две години подоцна и стана еден од најважните играчи во тимот.
Што се однесува до тројцата што пристигнаа во Јунајтед, сите беа чисти промашувања! Ван де Бек брзо го изгуби своето место во тимот и беше на позајмица во Евертон и Ајнтрахт од 2022 до 2024 година, пред да се пресели во Жирона за симболични 500.000 евра пред година и пол. Санчо никогаш не го материјализираше потенцијалот што се гледаше во Дортмунд и се покажа како една од најскапите грешки во историјата на клубот и моментално е на позајмица во Астон Вила по неуспешниот престој во Челзи, додека Роналдо го напушти Олд Трафорд со тоа што тотално ја уништи атмосферата со фамозното интервју додека гостуваше кај Пирс Морган. Португалецот беше изнервиран од Ерик Тен Хаг и во вториот мандат во Јунајтед не освои ниеден трофеј, но од сите тројца што дојдоа тогаш, секако покажа најмногу.