Дончиќ во вториот меч испиша НБА историја – мотивиран од една од најжешките жени во светот (ВИДЕО)
Тој во отсуство на Леброн Џејмс и влезе во историјата на најсилната лига во светот, откако „езерџиите“ ноќеска беа убедливи на домашен терен против Минесота тимбервулвс (128-110). Дончиќ беше апсолутна ѕвезда на паркетот — постигна 49 поени, со 11 скока и 8 асистенции, со што стана првиот во историјата на НБА кој на воведните две средби во сезоната остварил учинок од над 40 поени, 10 скока и 5 асистенции. Словенецот делуваше како да се забавува на теренот, демонстрирајќи огромна самодоверба и зрелост. Ваквиот старт ја зацврсти неговата позиција меѓу најсериозните кандидати за МВП наградата, која последните години најчесто завршуваше во рацете на Никола Јокиќ.
Од останатите играчи кај Лејкерс, Остин Ривс забележа 25 поени, 7 скока и 11 асистенции, Руи Хачимура додаде 23 поени, а Диандре Ејтон имаше 15 поени и 8 скока. Кај поразената Минесота, Ентони Едвардс беше најефикасен со 31 поен, додека Џулиус Рендл постигна 26 поени, 9 скока и 5 асистенции. Покрај одличната атмосфера на трибините, внимание привлече и присуството на популарната пејачка Медисон Бир (26), која важи за една од најжешките јавни личности во САД. Таа е пејачка, текстописец и продуцентка, со две номинации за „Греми“, позната по својот впечатлив изглед и провокативни настапи.
Кошаркарите на Мајами хит, пак, остварија убедлива победа над Мемфис гризлис (146-114) со Бам Адебајо (24 поени) и Никола Јовиќ (20) во главни улоги. Клиперси славеа против Феникс (129-102), предводени од Џејмс Харден (30) и Кавај Ленард (27). Од останатите натпревари, Портланд беше подобар од Голден Стејт (139-119), Вашингтон го совлада Далас (117-107), Сан Антонио триумфираше над Њу Орлеанс по продолжение (120-116), а Детроит над Хјустон (115-111). Њујорк Никс ги победија Бостон (105-95), Кливленд славеше во Бруклин (131-124), Атланта беше подобра од Орландо (111-107), а Милвоки го совлада Торонто (122-116), во меч во кој Јанис Адетокумпо блескаше со 31 поен, 20 скока и 7 асистенции, додека Брендон Инграм постигна 29 поени за својот тим.
ФОТО: X / @LALMuse, @fearedlaker