
Барса ќе игра на помошниот стадион ако не биде готов Камп Ноу, ама проблем е ЛШ
Првиот меч како домаќин, каталонскиот тим го игра викендот на 13 или 14 септември, против Валенсија, опција беше и Монжуик, но таму на 12 септември има концерт на Пост Мелоун и не е возможно да се организира натпревар. Овој меч би се одиграл на „Јохан Кројф“ само ако стадионот на Барселона не добие дозвола од градските власти, а дотогаш има уште 1,5 месец за да издејствува такво нешто.
Сепак, Барселона има поголем проблем, а тоа е играњето во Лигата на шампионите. Таму, пред почетокот на сезоната се објавува каде клубот ќе биде домаќин и до крајот нема можност за промена. Првото коло од ЛШ се игра на 16 септември, можно е Барса да биде гостин во првото коло со што ќе добие две недели, но во секој случај, до крајот на август треба да бидат појасни некои работи.
Клубот веќе беше принуден да направи промена на традиционалниот „Гампер куп“ кој место на Камп Ноу, ќе се одржи на „Јохан Кројф“. Поради реновирањето на стадионот, а за да добие на време, Барса во првите три кола од Ла Лига ќе биде гостин.