
Сосед на Седлоски од Прилеп ја извозе Швајцарија за да го бодри Вардар во Лозана (ФОТО)
Станува збор за гастербајтер од Цирих, кој ја извозе Швајцарија (повеќе од 200 километри од еден на друг крај) за да го бодри својот некогашен сосед и пријател Гоце Седлоски, тренерот на Вардар.
„Живеев во исто маало со Гоце и кога слушнав дека со Вардар ќе доаѓа во Швајцарија, немаше шанси да ја пропуштам можноста да навивам за него и за македонската гордост“, ни изјави прилепчанецот.
Гастербајтерите што живеат во Лозана и околината, веќе се организирани и подготвени да бидат 12. играч на Вардар, заедно со навивачите од Скопје. Вардар ќе нема навивачи само од престолнината, туку и од цела Македонија, меѓу кои ќе биде и долгогодишен симпатизер од Ново Село. Тој ни раскажа дека за првпат навивал уште во шампионската 1987 година, кога на стадион го одвел Климе Стоилов – таткото на познатиот ракометар Стојанче Стоилов.
„Од тогаш сум верен на Вардар. Секој пат кога ќе имам можност – доаѓам“, вели тој.
Средбата во Лозана почнува од 20.15 часот. Вардар против силниот домаќин влегува со предност од 2-1 остварена во првиот дуел на скопската Арена.