ЕХФ донесе одлука: Начевски и Николов две години не смеат да судат!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) соопшти дека е донесена одлука за суспензија во период од две години против македонските судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.

ЕХФ на 10 јануари ја повлече номинацијата на Николов и Начевски за учество на Европското првенство (ЕП), откако соопшти дека македонската судиска двојка го лажирала фитнес-тестот.

„Врз основа на анализата на партнерот за интегритет на Европската ракометна федерација, ‘Спортрадар’, Судот за ракомет при ЕХФ заклучи дека видеата за кои станува збор биле лажирани и затоа ги изрече следните санкции:

Двајцата судии се суспендирани од извршување на било каква функција во рамките на ЕХФ и од учество во било какви активности на ЕХФ во период од две години, сметано од датумот на првостепената одлука, поради сериозно неспортско однесување.

Секој од судиите е задолжен да плати парична казна од 5.000 евра поради суштински прекршувања на Кодексот на однесување на ЕХФ.

Жалба може да биде поднесена до Апелациониот суд на EHF во рок од седум дена“, соопштија од ЕХФ.