Овој Вардар е незрел за Европа, катастрофа на црвено-црните во Лозана! (ФОТО+ВИДЕО)

Вардар одигра ужасен меч во Лозана, момците на Гоце Седлоски делуваа немоќно, направија многу грешки и доживеаа дебакл на реваншот во Швајцарија, загубија со 5-0 и со вкупни 6-2 се елиминирани од квалификациите во Конференциската лига.

Црвено-црните во Лозана отпатуваа со предност од 2-1 и голема желба да минат во следното квалификациско коло, но желбата е едно, а квалитетот е соема друго. Вардар денеска покажа дека не е зрел за Европа, потребно е уште многу работа за тимот да се врати на некои пославни времиња.

На почетокот од натпреварот не изгледаше така, Вардар имаше повеќе од играта и делуваше на половината на противникот, но работите се променија во 15. минута кога по еден центаршут од корнер, Дусен погоди со глава за водство на Лозана од 1-0.

Веднаш по примениот гол Вардар имаше голема шанса да го изедначи резултатот. Мато се проби од левата страна, шутираше, голманот Летица ја одбрани топката, таа дојде до Омерагиќ кој не успеа да даде гол, се обиде и Јанкулов но и тој не реализираше.
 

Потоа следуваше доминација на Лозана. Во 33. минута по една убава акција, Кали Сене мајсторски го лобуваше Талески за водство на Лозана од 2-0. Домаќините влегоа во вкупна предност, а тоа им даде крилја.

 

Во втората минута од судиското продолжение, нов пропуст на одбраната на Вардар, Сене даде уште еден гол за предност на полувреме од 3-0.

 

И покрај високото водство, Лозана не помислуваше да се брани, се редеа нападите пред голот на Талески. По десет минути игра во вториот дел, Ајдини постигна гол по уште една грешка на одбраната. Веќе беше 4-0.

 

По оваа висока предност, фудбалерите на Лозана го олабавија темпото. Вардар првата шанса во второто полувреме ја имаше во 58. минута кога Фаустин биеше над голот на Летица.

Вардар се обиде и во 76. минута кога Кастенада шутираше во хрватскиот голман на Лозана.

Конечните 5-0 за Лозана ги постави Траоре во 84. минута од натпреварот.

 

Овој дебакл за Вардар треба да послужи и како лекција за елиминирање на недостатоците и изградба на помоќен тим во текот на новата сезона.

Македонскиот тим на овој натпревар имаше поддршка од верните Комити, но и од многу Македонци од диаспората кои дојдоа да го бодрат Вардар, но разочарани си отидоа дома.