
Седлоски: Не бараме изговори, самите сме виновни за овој тежок пораз!
Вардар во Лозана отпатува со големи амбиции по одличниот меч во Скопје, но од Швајцарија се враќа со тежок пораз.
„Многу тежок резултат за нас како клуб, за мене, за навивачите, за играчите, за сите. До првиот гол бевме добри, но по првиот примен гол се растуривме тотално и тим како Лозана не ги опростува тие шанси кои ги создаде. Секоја шанса беше гол. Дали беше до вештачката трева или малку полетавме по резултатот во Скопје, тоа мора да видиме. Знаев дека Лозана има врвни играчи. Ние завршивме со Европа, на Лозана им посакувам се најдобро понатаму“, вели Гоце Седлоски.
„Мора да се кренеме по овој резултат, почнува новата сезона, првиот меч ни е дерби против Пелистер, ќе гледаме, ќе се подготвиме. Мора да кажам дека овој излез во Европа преку купот беше награда за нас, знаевме каде беше Вардар претходно. Сега почнува новата сезона, ќе видиме како ќе биде понатаму“.
„Не верувам дека е замор, кажав дека по првиот примен гол паднавме комплетно психички, Лозана не опростува ништо. Во Скопје одигравме еден фантастичен натпревар, а денеска тотално потфрливме. Не бараме кривица, криви сме самите ние. На полувреме им кажав на играчите да се стабилизираме, но Лозана притискаше се повеќе и повеќе. Ние со враќањето на топките кон одбраната им дававме можност да го прават тој пресинг“.