Пеколен старт за шампионот: Алкараз се измачи за победа против Фоњини

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз се измачи против Италијанецот Фабио Фоњини на стартот на Вимблдон, но успеа да слави со 3-2 во сетови, односно 7-5, 6-7, 7-5, 2-6 и 6-1.

Двајцата тенисери имаа одличен почеток на натпреварот, а Алкараз успеа да направи брејк во 11. гем и да поведе со 6-5, по што сервираше за освојување на првиот сет (7-5).

Шпанецот беше добар и во вториот сет, па во еден момент поведе со 4-2, но Фоњини возврати и се избори за тај-брејк каде што славеше со 7-5.

Во третиот сет повторно следеше голема борба меѓу тенисерите, при што беа забележани неколку брејкови на двете страни, но Алкараз направи еден повеќе за да слави со 7-5.

Фоњини се разигра во четвртиот сет, каде што двапати му го одзема сервисот на Алкараз и стигна до 6-2 со што израмни на 2-2 во сетови.

Во петтиот сет беше забележан прекин, откако еден навивач не се чувствуваше добро на трибините, по што Алкараз беше незапирлив на теренот и славеше со 6-1.

Фото: EPA PHOTO