АЕК после циркусот со Алкалоид „исфрлен“ и од традиционалниот турнир во Охрид!

Екипата на АЕК, која изминатиов период само по лошо е позната во македонската спортска јавност, нема да биде дел од трафиционалниот турнир „Крсте Андоновски“ во организација на екипата на Охрид.

Оваа информација денеска ја обзнани организаторот на турнирот, без дополнително објаснување зошто грчкиот состав нема да биде дел од овој настан, туку само дека неговото место ќе го пополни словенечкиот тим Тримо Требње.

АЕК беше ривал на Алкалоид во финалето од Европскиот куп, кој направи скандал пред самиот почеток на реваншот во Скопје (првиот меч беше 29-26 за нашиот претставник), кога одби да истрча на терен поради закани од сопствените навивачи, кои сакаа да дојдат во поголема бројка од одобрената од домаќинот. „Фармацевтите“ со тоа беа лишени да го добијат победничкиот трофеј на паркетот пред преполните трибини во „Борис Трајковски“, туку шампионскиот епитет мораа да го стекнат на „зелена маса“ и тоа по деседневно решавање од страна на ЕХФ. АЕК поради овој циркус доби двегодишна забрана за настап во Европа.

На силниот меѓународен турнир во Охрид (19-23 август) покрај домашниот тим и дополнително повиканиот Тримо (Словенија) ќе настапат уште и Вардар, Пелистер, Партизан, Динамо Панчево (Србија), Нексе (Хрватска) и Киндил Торшавн (Фарски острови).