Ројевиќ: Со охридската публика пишуваме историја
Противник на охриѓани е словенечкиот тим Целје, поранешен европски шампион кој на првиот натпревар на домашен терен оствари минимален триумф. Негативата од еден гол е лесно достижна, па цел Охрид деновиве се мобилизира за утрешниот реванш на кој тимот брка историски триумф. Тренерот Борис Ројевиќ очекува тежок меч, но добро знае дека ќе има огромна предност во домашната публика.
„Можам да кажам дека не очекува тежок натпревар, против најталентираната екипа во Европа. Имаат четири-пет играчи со понуди од екипи што играат во Лигата на шампионите. Десното крило оди во Нант, средниот бек во Динамо, Анжиќ го бараат пет-шест екипи.
Сепак, сите наши момци едвај чекаат да истрчаат на терен и да ја почувствуваат енергијата од трибините. Охридската публика ќе покаже дека може подобро од тоа што нивните навивачи го правеа во Целје и тоа може да биде клучно за развојот на овој натпревар. Резултатски на првиот меч го спуштивме Целје на 27 гола што е речиси невозможно бидејќи цела сезона се над 30-35 гола. Ако го повториме тоа, сигурно ќе постигнеме повеќе голови и ќе се пласираме во финалето.
Кај нас не се сите играчи здрави, имаме проблеми. Не кажувам за кого се работи, но сите ќе стиснат заби. Заедно со публиката пишуваме историја и се надевам дека атмосферата ќе биде на нивото, а ние ќе се оддолжиме на теренот“, рече Ројевиќ.
Натпреварот се игра утре од 19 часот, а денеска ќе биде познат првиот финалист бидејќи Татабања и Извиѓач од 17 часот го играат реваншот.