Синер во два сета го реши Филс за финале во Мадрид (ВИДЕО)

Првиот тенисер на светот, Италијанецот Јаник Синер, се пласираше во финалето на АТП Мастерс турнирот во Мадрид, откако во полуфиналето рутински го совлада францускиот тенисер Артур Филс со 2-0 во сетови (6-2, 6-4).

Иако Филс добро го отвори мечот и го освои својот прв сервис за водство од 1-0, следуваше силен одговор на италијанскиот тенисер. Синер експресно направи два брејка и врза пет гема во низа, доаѓајќи до недостижни 5-1. Французинот до крајот на сетот успеа да освои уште само еден гем на свој сервис, по што Синер рутински сервираше за конечни 6-2 во првиот сет, кој траеше нешто повеќе од половина час.

Вториот сет донесе поголема борба и отпор од младиот Французин. Двајцата тенисери ги чуваа своите сервиси, а Филс постојано водеше и вршеше притисок врз Синер. Се играше гем за гем сè до резултат 4-4.

Тогаш Синер успеа да го скрши отпорот на Филс и да направи клучен брејк за водство од 5-4. Во следниот гем, Синер сигурно сервираше за победа и конечни 6-4 во вториот сет.

Во финалето Италијанецот ќе игра против подобриот од второто полуфинале помеѓу Александар Зверев и Александар Блокс.

Фото: ATP Tour/X