Газда на српски хотел поради Мбапе завршил на „црна листа“ (ВИДЕО)
Необичен инцидент со глушец во хотелската соба довел до тоа Француската фудбалска федерација да го стави Марјановиќ и неговиот хотел на „црна листа“.
Имено, Крагуевац во минатото бил центар за собирање на младинските репрезентации, а хотелот „Шумарице“, сместен во шумско опкружување, бил домаќин на бројни селекции. За време на престојот на младата француска репрезентација, тогаш 17-годишниот Мбапе доживеал непријатно изненадување кое, според зборовите на сопственикот, предизвикало бурна реакција.
„Тука во Крагуевац играше У-17 репрезентацијата, градот беше центар за младински категории, па кај нас беше сместена и селекцијата на Франција. Тука беше и Мбапе, кој тогаш имаше 17 години. Бидејќи хотелот е во шума, глувци има како и насекаде во Србија. Собарките поради тоа поставуваат лепак, бидејќи глувците се качуваат преку олуците и влегуваат во собите. И замислете, Мбапе влегува во собата, глушецот се залепил под креветот и почнал да писка. Мбапе се исплаши и избега надвор, на паркингот“, раскажа Марјановиќ.
Реакцијата на француската делегација била брза, а последиците за хотелот и сопственикот, како што тврди, долгорочни.
„Делегатот и водачот на експедицијата ме ставија на црна листа на Француската фудбалска федерација. Ниту една нивна репрезентација повеќе никогаш не дојде во мојот хотел ‘Шумарице’“, објасни Марјановиќ.
Фото: Real Madrid CF/FB