„Бомба“ од САД: Еден од најуспешните НБА тренери може да го преземе Денвер!

По елиминацијата од Минесота уште во првата рунда во плејофот, медиумите во САД пишуваат дека Денвер би можел да добие нов предводник, а меѓу кандидатите се појави и името на актуелниот тренер на Голден Стејт, Стив Кер кој би можел да го наследи Дејвид Аделман. 

Според неофицијални информации на американскиот инсајдер Брајан Колдвел, поранешниот селектор на САД, Стив Кер е опција за Денвер. 

Денвер ја заврши сезоната разочарувачки што сериозно ја разниша позицијата на актуелниот тренер и отвори простор за промени на клупата. Од друга страна, ниту сезоната на Голден Стејт не помина подобро. Вориорси беа елиминирани уште во плеј-инот, по поразот од Финикс, па сè погласни се шпекулациите дека раководството на клубот размислува за прекин на соработката со Кер.

Доколку тоа се случи, токму Денвер би можел да биде неговата следна дестинација. Американските инсајдери веќе пласираа информација дека Кер би можел да го преземе тимот на Јокиќ во текот на летото и да се обиде да го врати тимот во борба за шампионскиот прстен.

„Се очекува Стив Кер да им се приклучи на Денвер Нагетс во паузата меѓу сезоните. Кер, кој помина повеќе од десет години во редовите на Вориорс, ќе се обиде да донесе шампионски прстен во Денвер“, објави споменатиот инсајдер.

Кер зад себе има импресивна тренерска кариера. На клупата на Голден Стејт освои четири НБА титули и постави стандарди во модерната кошарка, базирани на брз проток на топката и шут за три поени. Го предводеше тимот и до историски 73 победи во една сезона, а успешен беше и како селектор на репрезентацијата на САД, со која стигна до олимписко злато.

Фото: Denver Nuggets/FB