Хамилтон доби казна - го попречувал Верстапен!

Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, кој вчера ја заврши квалификациската трка на четвртата позиција за Големата награда на Монако, денеска сепак нема да тргне од таа стартна позиција.

Британецот доби казна и ќе стартува од седмото место, поради тоа што го попречил возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, додека се обидувал да го постави своето квалификациско време.

Интересно е што грешката не произлегла од Хамилтон, туку од луѓето во неговиот тим, кои на својот возач му пренеле неточна информација дека Верстапен е во „бавно кружење“. Всушност, актуелниот светски шампион бил во брз круг, што значи дека секое попречување му ја нарушува шансата за подобро време.

Иако судиите утврдија дека Хамилтон не е директно виновен за недоразбирањето, сепак не му ја земаа грешката на тимот како олеснителна околност. Така, пилотот на Ферари доби казна од три места од позицијата која ја освои.

Со тоа, денеска во 15 часот на патеката во Монако пред Хамилтон ќе стартуваат: Ландо Норис (Мекларен), Шарл Леклер (Ферари), Оскар Пиастри (Мекларен), Макс Верстапен (Ред Бул), Исак Хаџар (Рејсинг Булс) и Фернандо Алонсо (Астон Мартин).

Зад Хамилтон, пак, помеѓу првите десет се уште: Естебан Окон (Хас), Лијам Лосон (Рејсинг Булс) и Алекс Албон (Вилијамс).

Фото: Scuderia Ferrari HP/X