Башкими ја „нокаутира“ Беса и се пласира во Првата лига!

Фудбалерите на Башкими триумфираа со 2-0 против Беса на градскиот стадион во Кавадарци, со што обезбедија пласман во Првата македонска фудбалска лига.

Од самиот почеток на натпреварот се играше отворен фудбал, а Беса првата голема шанса за водство ја имаше во петтата минута кога Џемаил Есати беше сам пред голманот на Башкими, меѓутоа испрати катастрофален удар.

Башкими го скрши отпорот на Беса во 37. минута кога Саити претрча речиси половина терен и го матира голманот Силјановски за предност од 1-0.

Борбата меѓу двете екипи продолжи во второто полувреме, каде што и едните и другите се обидуваа да стигнат до погодок. Беса немаше муниција, но затоа казната пристигна во 80. минута кога Алексовски стрелаше за 2-0.

Кумановската екипа со оваа победа избори пласман во Првата лига, додека Беса од следната сезона ќе игра во Втората лига. Претходно, место во елитата обезбедија и Македонија Ѓорче Петров и Арсими.

Фото: Facebook/KF Bashkimi 1947 / FC Bashkimi 1947