„МВР дозволи 200 навивачи на АЕК, Грците тоа не можеа да го прифатат!“

Алкалоид и АЕК дефинитивно нема да играат вечерва реванш натпревар од Европскиот куп откако навивачите на грчкиот клуб им забраниле на ракометарите да излезат на терен.

По многу шпекулации на оваа тема, ситуацијата ја разјасни шефот на делегацијата на Алкалоид, Зоран Цветановски кој раскажа што се случувало во текот на денешниот ден.

„Имавме сигнали во текот на денот бидејќи преговорите траеја од 10 часот изутрина кога се договаравме каков ќе биде протоколот. Без оглед на тоа, до последен момент се надевавме дека нема да има никаков проблем. До него дојде поради бројот на влезници.

Познати се тие правила од 10% од капацитетот на арената каде се игра натпреварот, а тоа би значело околу 650 влезници. Нашиот клуб и МВР донесоа одлука, по некои оперативни анализи дека по некои работи што се случуваа во државата, во моментов тоа не е возможно и бројот на билети за гостинските навивачи беше ограничен на 200. Тука настана најголемиот проблем, тука беа преговорите, тука се кршеа копјата, дел од навивачите на АЕК допатуваа во Скопје, а дел не.

Тука настана главниот проблем бидејќи тоа што допатуваа беа незадоволни од тоа што не можат да бидат во тој број што е посакуван и му дадоа на менаџментот на АЕК дека ако се појават на терен без навивачи, ќе сносат интерни последици по враќањето од Атина. Само поради тоа управата на АЕК не дозволи да се игра, дел од играчите плачеа зашто не можат да настапат, меѓутоа не смееја против одлуката на управата.

Јас очекувам овој натпревар да биде регистриран 10-0, но во овој случај се е можно и би повикал да почекаме“, рече Цветановски.