УЕФА размислува за промени во ЛШ уште пред првото финале според новиот формат!

Новиот формат на Лигата на шампионите (ЛШ) со 36 екипи и лига-систем сè уште не го доживеа своето прво финале, а Европската фудбалска федерација (УЕФА) веќе разгледува потенцијални измени за следната сезона.

Според германскиот „Билд“, УЕФА подготвува предлог-мерки кои би можеле да го променат текот и регуларноста на елиминациската фаза. Три конкретни точки се во фокусот, а конечната одлука се очекува на состанокот на Комитетот за клупски натпревари на 30 мај во Минхен.

Прво, се разгледува можноста за укинување на продолженијата од 30 минути. Наместо тоа, доколку натпреварот заврши нерешено, веднаш би се изведувале пенали. Причината е сè поголемиот физички напор кај фудбалерите поради густиот календар. Второ, тимовите што ќе завршат меѓу осумте најдобро пласирани по лига-фазата, би можеле да добијат дополнителна предност во нокаут фазата — правото да бидат домаќини во реванш натпреварите од четвртфиналето и полуфиналето, ако играат против екипа што била пониско рангирана. Во моментов, ова правило важи само за осминафиналето, додека за другите фази домаќинот на реваншот се одредува по жрепка.

Трето, повторно се разгледува идејата за „заштита на националноста“, односно можноста клубови од иста земја да не се сретнат во раните елиминациони фази. Според актуелните правила, тие може да играат меѓу себе уште од плејофот, што оваа сезона резултираше со натпревари како ПСЖ – Брест, Баерн – Леверкузен и Реал – Атлетико. УЕФА смета дека ваквите дуели се помалку атрактивни за глобалната публика и ТВ-станици, па затоа сака повторно да ги дозволи националните дерби-средби дури од четвртфиналето па натаму.

Овие можни измени доаѓаат како одговор на повратните информации од клубовите и се дел од континуираните обиди на УЕФА да го унапреди натпреварувањето и да го направи поатрактивно и пофер.

ФОТО: EPA PHOTO