
Центарци со пеколен финиш го „расплакаа“ Пелистер за сефте во првата плејоф-рунда!
Битолчани со тројката на Џеремаја Гумбрел на влезот од последните две минути дојдоа до првото водство во второто полувреме (62-60), а вкупно трето во целиот натпревар што донесе еуфорија на нивната клупа и надеж за посакуван „брејк“. Но, нивната радост траеше кратко со оглед што на идентичен начин врати Стојан Ѓуроски за резултатски пресврт, а потоа канадскиот интернационалец, Жулиан Роше, да ја зголеми предност на триесетина секунди до крајот (65-62). Зелено-белите последниот напад го одиграа хаотично, не успеаја да шутнат како што сакаат за да изедначат. Тоа го казни Андреј Шошкиќ, кој по противничкиот офанзивен скок ја украде топката и со атрактивно забивање стави крај на оваа средба.
Роше со 17 поени и 10 скока беше прво име кај Работнички, додека олично одиграа уште Шошкиќ со 15 поени и шест асистенции, Виктор Ефремовски со 14 и Ѓуроски со 13 поени. Никола Мишковиќ со 23 поени и 13 скока бил убедливо најдобар кај пелистерци.
Центарци сега водат со 1-0 во серијата до три победи. Вториот меч повторно ќе се одигра во Скопје и тоа в сабота, ако во меѓувреме не дојде до нов штрајк на судиите.