
Куманово убедлив во дербито, МЗТ и ТФТ рутински до првите плејоф-победи!
Кумановци во т.н. дерби против Кожув (играа четвртиот и петтиот) не дозволија апсолутно никакво изненадување и славеа со убедливи 85-73. Мечот беше решен уште по првите пет-шест минути, со оглед на фуриозниот старт на домаќинот и водството со 20-6. Избраниците на тренерот Марин Докузовски продолжија да газат и во продолжението, што им донесе највисоки плус 26 (60-34) во првата половина од третиот период. Тоа беше крај на сите надежи на гостите од Гевгелија, кои потоа само ја намалија негативата. Тадиќ и Радукиќ со 24 односно 23 поени беа најдобри кај Куманово, додека Стевановиќ со 27 поени беше најдобар кај Кожув.
МЗТ немаше мака против Феникс (81-58) во меч во кој единствена енигма беше крајната позитива за шампионот. Шанса кај аеродромци добија сите, а најефикасни беа Дамјан Стојановски со 17 поени и Милош Копривица со 15 поени и исто толку скокови. Слично како и кумановци, кошаркарите на ТФТ уште во првиот период (23-9) ги решија сите дилеми во пресметката со Чаир 2030 (85-68) за водство во воведната рунда од доигрувањето.
Сериите се играат до три победи, а домаќини во саботните втори средби повторно ќе бидат фаворитите кои победија денеска.