Каљари во одбрана на Малдини: Нашиот фудбалер не беше дрогиран!

Италијанскиот прволигаш Каљари официјално ги демантираше медиумските извештаи дека нивниот фудбалер Даниел Малдини бил позитивен на наркотици по сообраќајната несреќа во која учествуваше во неделата рано наутро.

Инцидентот се случил во Милано, само неколку часа откако 24-годишниот фудбалер го постигна победничкиот гол од пенал на гостувањето кај Аталанта. Во сообраќајната несреќа учествувале два автомобила во кои, покрај Малдини, се наоѓале уште две жени во дваесеттите години и тројца момчиња на возраст од 19 до 21 година. Според извештаите од полицијата и итната помош, за среќа, ниту еден од учесниците не се здобил со потешки повреди. Сепак, на италијанскиот напаѓач привремено му е одземена возачката дозвола бидејќи алкотестот покажал присуство на алкохол во крвта.

По несреќата, повеќе италијански медиуми, вклучувајќи ја и угледната „Газета“, објавија дека играчот паднал и на прелиминарниот тест за наркотици. Раководството на клубот од Сардинија веднаш реагираше, категорично отфрлајќи ги овие обвинувања преку официјално соопштение.

„Каљари ја информира јавноста дека, по повод написите кои во изминатите часови се појавија во италијанските медиуми, Даниел Малдини е подложен на токсиколошки анализи. Сите спроведени тестови дадоа негативни резултати. Играчот денеска попладне редовно ќе ѝ се приклучи на екипата на тренингот пред претстојниот натпревар“, се наведува во соопштението од клубот.