Дерби во Чаир: Шкендија (А) во налет, засиленото Скопје тргнува на сè или ништо!

Екипите на Шкендија Арачиново и Скопје денеска со почеток од 16 часот на стадионот во Чаир ќе го одиграат последниот натпревар од седмото коло во Првата македонска фудбалска лига.

Домашниот состав влегува во овој дуел со огромна самодоверба по серијата од три последователни победи, додека гостите од Автокоманда ќе се обидат да ја забележат својата прва победа и да побегнат од дното на прволигашката табела. Составот на Скопје во првите шест кола освои само три бода преку три нерешени резултати. И покрај тешкиот распоред и последната позиција, амбициите во клубот растат, особено по ангажирањето на неколку нови засилувања, што му овозможува на тренерот Муарем Муарем да смета на поквалитетен ростер.

Традицијата од претходните меѓусебни дуели на овие две екипи најавува ефикасен фудбал, имајќи предвид дека на последните две средби Скопје одигра реми на домашен терен (2-2) и оствари триумф како гостин (1-2).

„Подготвени сме за надигрување и размислуваме за победа“, кратко порачаа од таборот на ФК Скопје пред денешното гостување.

Од друга страна, Шкендија Арачиново се наоѓа во одличен натпреварувачки ритам. По првенствените триумфи над Башкими и Брегалница, тимот во средината на неделата славеше и во Купот на Македонија совладувајќи го Детонит (3-1). По оваа успешна серија на гостувања, екипата конечно се враќа пред својата публика со јасна цел да го одбрани домашниот терен.

„Како и на секој натпревар, така и сега, одиме на победа. Знаеме дека нема да биде лесно, но сè што направивме досега мора да го потврдиме против Скопје и да ја израдуваме нашата публика на домашен терен“, изјави фудбалерот на домаќините, Миле Тодоров.