Тренерот на Пелистер си најде алиби за катастрофата – немал време да се спреми за МЗТ!

Екипата на Пелистер не успеа да го повтори ланскиот успех и остана без пласман во финалето од Купот на Македонија, откако вечерва претрпе убедлив пораз во полуфиналната пресметка со МЗТ Скопје (88-103).

Битолскиот тим минатиот месец помина низ серија промени, вклучувајќи го и именувањето на новиот тренер Ненад Трајковиќ. Тој по натпреварот ја „откри“ причината за поразот, а тоа дека немал доволно време да ја подготви својата екипа за предизвикот против најсилниот македонски тим во моментов.

„Клучно беше што доведовме големо засилување пред само два дена, а тој сè уште не е доволно вклопен во тимот. Противникот го забележа тоа, реагираше со агресивна одбрана и ние не можевме да најдеме решение. Ваков натпревар се подготвува повеќе денови, а не само 24 часа, бидејќи немав време да ја подготвам екипата за сите акции на МЗТ. Се надевам дека ќе бидеме многу подобри кога ќе играме со овој ривал во првенството“, изјави Трајковиќ по полуфиналниот дуел.

Српскиот стратег пред три недели седна на клупата на зелено-белите и досега има три порази во пет меча во кои ги предводеше битолчани.