Реал распродава бодови, виси првото место (ВИДЕО)

Трето коло по ред Реал Мадрид не успеа да победи во шпанското првенство и можно е денот да го заврши на второто место на табелата во Ла Лига.

Од висока предност во однос на ривалите и сигурно прво место, Реал се доведе во ситуација да стравува за врвот откако попладнево одигра само нерешено (1-1) на гостувањето кај Осасуна. Поведе преку Мбапе во 15. минута и се чинеше дека формата од Лигата на шампионите ќе ја пренесе и во домашното првенство, но проблемите почнаа по исклучувањето на Џуд Белингам во 39. минута.

Англискиот репрезентативец мораше да го напушти теренот затоа што, наводно, го опцул главниот судија, а со десет играчи на Реал му беше потешко да ја организира играта. Клучниот момент се случи во 58. минута кога Камавинга жестоко стартуваше на еден противнички фудбалер во својот шеснаесетник и главниот судија, откако ја прегледа снимката, покажа на белата точка. Прецизен беше Анте Будими кој во тие моменти го постави конечниот резултат.

Интересно е тоа што и покрај неповолниот резултат, Анчелоти направи само една замена на натпреварот иако на клупа ги имаше Менди, Ендрик, Себаљос, Ѓулер итн.