
Двете лица на Анчелоти: Лани му се потсмеваше на Чави за изјавите, сега зборува исто како него
Трофејниот стручњак не пропушта можност да се пожали на арбитражата во шпанското првенство, наводно на штета на Реал. Ваквите негови изјави доаѓаат една година откако тој остро го критикуваше тогашниот тренер на Барселона, Чави Ернандез за тоа што тој го правеше истото во периодот кога каталонскиот клуб се бореше со судиите. Еден од спорните натпревари во ланското првенство беше токму Ел Класико на „Бернабе“ на кое Барселона имаше многу забелешки на судењето.
„Јас сум професионалец и затоа нема да се спуштам на тоа ниво, од почит кон шпанскиот фудбал“, велеше тогаш Анчелоти, буквално потсмевајќи му се на Чави.
Само последните десетина дена, Италијанецот имаше 3-4 изјави во кои ги критикува шпанските судии. По мечот против Атлетико рече дека имало завера против Реал и затоа бил досуден пенал во мадрдиското дерби, потоа се жалеше на невоедначен критериум на судиите, а по саботниот дуел со Осасуна ја критикуваше ВАР-технологијата во Шпанија. Во меѓувреме ги критикуваше судиите и за натпреварите на Барселона, тврдеше дека немало црвен картон за Белингам итн.
Разликата е во тоа што лани Реал имаше комотна предност пред Барселона и без проблеми ја освои шампионската титула, а оваа сезона „каталонците“ се конкурентни, два пати го прегазија мадридскиот тим и се закануваат дека можат да го преземат тронот во Ла Лига.