
Јончевски: Естонците ја знаат нашата слаба точка – ќе биде тешко во Талин!
Жолто-црвените вчера пристигнаа во естонската престолнина, а денеска го имаа и првиот тренинг во „Унибет“ арената, која ќе биде исполнета до последно место со 7.000 фанатични Естонци кои одамна ги разграбаа сите билети. Селекторот Јончевски за естонските новинари изјави дека е свесен за нашите слаби страни.
„Одбраната ни е во фокусот, но не би сакал многу да зборувам околу плановите за тоа како ќе му пристапиме на натпреварот. Главни ќе бидат добрата енергија и мотивацијата. Најголем проблем ќе ни биде играта под кошевите бидејќи Естонците се агресивни во нападот, а нам ни недостасува странец на центарската позиција. Знам дека противникот ја знае нашата слаба точка, но ќе се обидеме да ја покриеме“, рече Јончевски.
Дури и победа со поголема разлика од шест поени на пресметката во Талин нема веднаш да ѝ гарантира на Македонија место на следниот континентален собир. Ако успееме да направиме чудо против Естонија, потоа ќе ни треба да ја совладаме Полска в понеделник на домашен терен, но и да чекаме пораз на Естонците кај Литванија.