Феенорд првпат по пола век е во осминафинале и тоа со најмладиот состав во историјата

Славниот холандски клуб Феенорд има една титула во поранешниот Куп на европски шампиони, освоена во 1970 година, но точно половина век не успеал да се пласира во осминафиналето од елитното натпреварување кое во меѓувреме го смени името.

Сезонава успеа да го направи тоа откако во плејофот го елиминира Милан и влезе меѓу 16. најдобри. Интересно е тоа што до овој подвиг, Феенорд стигна со својата најмлада стартна постава во историјата на клубот на еден натпревар од Лигата на шампионите. Фудбалерите кои го почнаа вечерашниот натпревар просечно имаат 23 години и 258 дена што не е забележано во постоењето на клубот од Ротердам.

Голот за пласман во осминафиналето го постигна Јулијан Каранца кој влезе во игра како резерва и првпат во својата кариера погоди на натпревар од Лигата на шампионите.