
Столе си замина, Барса првпат по шест години направи „дабл“ против Рајо
Тоа го потврдуваат резултатите на меѓусебните дуели од 2019 година наваму, период во кој Барселона не успеваше да направи т.н. „дабл“ против малиот мадридски клуб. Дури оваа сезона „каталонците“ славеа на двата меча со Рајо Ваљекано иако двата триумфеа беа минимални и тешко извојувани, на гости со 2-1, а на домашен терен со 1-0.
Интересно е тоа што периодот во кој Барселона никакво не успеваше да го победи Рајо два пати се совпаѓа со престојот на македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски во редовите на мадридскиот клуб. Барселона немаше „дабл“ од сезоната 2018/19 кога Димитриевски дојде во Рајо, но не беше во тимот за вториот дуел во сезоната кој се играше на Камп Ноу во 27. коло од тоа првенство. Барса тогаш славеше со 3-1.
Рајо таа сезона испадна и се врати во 2021 година и до оваа натпреварувачка кампања ја мачеше Барселона. Минатото лето Столе Димитриевски си замина оттаму и се пресели во Валенсија и „каталонците“ ја прекинаа лошата серија, совладувајќи го овој ривал во двата меча.