Следува мечот за трофејот: Кожув на домашен терен ќе се обиде да го симне МЗТ од тронот

Бранителот на трофејот МЗТ Скопје и домаќинот на турнирот Кожув ќе се сретнат вечерва во финалето на 33. издание од Купот на Македонија. Првпат во историјата овие две екипи во меѓусебен дуел ќе се борат за трофејот во ова натпреварување со тоа што аеродромци атакуваат на 13., а Кожув за првиот пехар.

Кожув веќе го израмни најголемиот успех во својата историја кога станува збор за Купот на Македонија откако обезбеди пласман во финалето од ова натпреварување, вторпат во неговото постоење. Првиот пат, гевгеличани играа во мечот за трофејот пред точно една деценија кога во финалето загубија од Работнички во „Јане Сандански“ со 66-74. Во тогашното полуфинале, Кожув направи сензација, совладувајќи го домаќинот и актуелен шампион МЗТ Скопје со 75-74 на негов терен, со тројката на Пековиќ во последните секунди.

Јасно е дека Кожув ќе има голема помош од своите навивачи, но прогнозите велат дека МЗТ Скопје, сепак е голем фаворит за победа на вечерашниот меч откако аеродромци во полуфиналето и финалето буквално ги прегазија Работнички и Пелистер. Васко Атанасов во својот состав има плејада искусни кошаркари кои добро знаат како се освојуваат трофеи и кои се најдобри кога е најпотребно. МЗТ Скопје е освојувач на последните осум пехари во македонската кошарка, почнувајќи од 2022 година и тоа е уште еден аргумент на страната на тимот од Аеродром. Последен кој му застана на патот беше ТФТ во Купот на Македонија пред три години и оттогаш никој не може да се мери со МЗТ. 

Финалниот меч во машка конкуренција се игра вечерва од 19:30 часот, а од 17 часот, во женска конкуренција ќе се сретнат Вардар и Баскет Кам.