„Не ме знае Пикси? Нека се сети на Дојранско езеро и љубовниците“ (ВИДЕО)

Контроверзниот српски фудбалски аналитичар Раде Богдановиќ на интересен начин му одговори на Драган Стојковиќ Пикси кој рече дека не го познава.

Богдановиќ е чест критичар и на Пикси како селектор и на српскиот фудбал генерално, а неговите анализи, очигледно не му се допаднале на предводникот на репрезентацијата на Србија. Една од последните изјави на поранешниот фудбалер на Атлетико беше дека Пикси не направил голем успех затоа што има месечна плата од 120 илјади евра, а во Катар доживеа дебакл, додека во квалификациите за Европското првенство ги победи само Црна Гора и Литванија што беше доволно за пласман на континенталниот шампионат.

На сето ова, Стојковиќ одговори со прашање „Кој е тој?“, обидувајќи се да го омаловажи Богдановиќ и неговите тези. Овој му се претстави во едно телевизиско интервју и го потсети на некои нешта од минатото.

„Еден месец пред да побегне од Србија, дојде во Македонија, на Дојранско езеро за да полага за профи лиценца и потоа да замине во Јапонија како тренер. Полагаше по скратена и привилегирана процедура, а јас случајно тогаш почнував да се занимавам со тренерскиот занает.

Отидовме 6-7 тренери и 3-4 љубовници, бевме сместени во еден хотел покрај езерото, а Пикси доби соба токму спроти мојата. Еден ден отиде да се тушира, а никој не му кажа дека немаме вода топла затоа што има рестрикција. Знам дека добро ме познава затоа што излезе од собата, со пена од шампон на главата и со пешкир околу половината и ме праша: Богдан, имаме ли топла вода. Јас му одговорив дека нема поради рестрикциите од 8 до 18 часот, така што знам дека добро мене познава“, се присети Богдановиќ.

Разликата во возраста меѓу нив не е многу голема, изнесува само пет години, а интересно е тоа што кон крајот на минатиот век, двајцата настапуваа во јапонското првенство, Пикси во Нагоја, а Богдановиќ во ЏЕФ Јунајтед. Дури во исто време беа и репрезентативци на СР Југославија иако Богдановиќ за оваа селекција има само три настапи.