Не оди без Кари, Голден Стејт прегазен во вториот меч со Минесота (ВИДЕО)

Стеф Кари се уште е исклучително значаен дел од тимот на Голден Стејт Вориорс и покрај тоа што во март наполни 37 години.

Неговото отсуство од ноќешниот меч против Минесота на кој тимот од Сан Франциско доживеа убедлив пораз, се почувствува кај останатите кошаркари кои го немаа својот лидер на теренот и во соблекувалната. Вулфс славеа со 117-93, жестоко одмаздувајќи се за брејкот во првиот натпревар на домашен терен, а воедно израмнија на 1-1 во серијата.

Ветеранот е повреден и можно е да не се врати повеќе во полуфиналето на Западната конференција, одговорноста требаше да ја преземе Џими Батлер, но со оглед на тоа што тој беше единствена голема опасност по домашниот тим, Џејден Мекдениел одлично се справи со него и го задржа на само 17 поени. Минесота отвори со 13-0, пред крајот на првата четвртина беше 25-7 и потоа немаше ништо од неизвесноста. Дури во третата четвртина Голден Стејт се симна на -7, но домаќините брзо го неутрализираа тој удар, отидоа на +20 и без поголеми возбудувања го приведоа мечот кон крај.

Сега до израз дојде тимскиот дух на Минесота бидејќи тројца нејзини кошаркари ја предводеа листата на стрелците. Најмногу постигна Рендл (24), а со по 20 го следеа Александер Вокер и Едвардс. Куминга со 18 поени беше прв играч на Голден Стејт кој ќе биде домаќин на следните два натпревара.