„Кошаркарите на Партизан ме унаказија со нож и шише – лажат дека сме ги навредувале!“

Момчето кое, според негови тврдења, бил нападнат со шише и нож од тројца кошаркари на Партизан по инцидент пред белградски ноќен клуб, ја изнесе својата страна на приказната за српскиот медиум „Спортал“ (види ТУКА), тврдејќи дека не постоеле никакви расистички или навивачки провокации од негова страна.

Тој уште еднаш потврди дека и самиот е долгогодишен навивач на црно-белиот тим.

„Не сум навредувал никого, а најмалку на расна основа. Јас сум долгогодишен навивач на Партизан, одам на натпревари повеќе од 20 години. Тие ме нападнаа без причина, со крајна суровост“, изјави мажот, идентификуван со иницијалите Ј.К.

Инцидентот се случил на 5 мај во раните утрински часови, откако Ј.К. со пријатели го напуштил ноќниот клуб „Банк“. Според неговите зборови, тој и уште еден пријател биле последни кои излегле од клубот и се упатиле кон својот автомобил, кога биле нападнати од неколкумина, меѓу кои, како што тврди, биле и кошаркарите Карлик Џонс, Стерлинг Браун и Исак Бонга.

„Еден ме удри со тупаница во глава, другиот ме исече по лицето со остар метален предмет, а третиот ми ја скрши шишето на главата. Додека лежев на улицата, ме гаѓаа со остатоци“, рече тој, додавајќи дека сè е документирано на видео-снимка што кружи на социјалните мрежи.

Ј.К. ги демантира изјавите на кошаркарите дадени во полиција, во кои се тврди дека тој и неговото друштво им направиле „сачекуша“ пред клубот.

„Тоа не е вистина. Ниту ние дофрлувавме некому, ниту провоциравме. Дури и разговаравме со темнокожи девојки во клубот, сосема нормално и пријателски“, рече тој, отфрлајќи ги обвинувањата за расистички навреди како „тотална лага“.

Тој додаде дека нападот му нанел сериозни последици, вклучително и фрактура на носот, хематоми и посекотини по лицето и главата, и дека случајот е уште потежок со оглед на неговата здравствена состојба – тој е воен инвалид и дијабетичар, како и татко на малолетно дете.

„Не сакам никој да го доживее ова што ми се случи мене. Бев оставен во локва крв 20 минути додека не дојде Итна помош. Сакам да се расветли случајот и одговорните да бидат соочени со последици“, изјави Ј.К.