Новиот селектор на дамите најави револуција - немаме висина, но ќе бидеме агресивни!
Првиот филтер за новата тактичка визија на странскиот предводник ќе биде силниот меѓународен турнир „Трофеј Македонија“, кој во следните три дена ќе се одржи во охридската сала „Билјанини Извори“. Македонските ракометарки ги очекуваат три пеколни контролни пресметки, почнувајќи од денешниот премиерен дуел против Србија, по што ќе следат и соочувањата со репрезентациите на Хрватска и Црна Гора.
На официјалната прес-конференција во пресрет на турнирот, новиот селектор најави целосна трансформација во стилот на игра, ставајќи огромен акцент на брзината и бескомпромисната борбеност. Иако времето за адаптација меѓу него и играчите е исклучително кратко, Марковиќ има јасна слика како треба да изгледа македонскиот национален тим на теренот.
„Сакам Македонија да игра брз ракомет и на тоа ќе работиме. Немаме висина во одбраната, па затоа ќе мораме да бидеме агресивни, а во нападот ќе пробаме со игра ‘седум на шест’. Со многу трчање и брза транзиција ќе пробаме да ги нападнеме противниците. Работевме на борбеност, енергија и тактика, но по само четири одработени тренинзи не сум сигурен што точно ќе покажаме во следните три дена“, искрен е црногорскиот стручњак.
Тој дополнително појасни дека резултатот на овие пријателски средби нема да биде во преден план, туку главната цел е евалуација на индивидуалните капацитети на целокупниот ростер кој е повикан за оваа акција.
„Сите ракометарки кои се повикани ќе добијат минутажа за да ги видам на дело нивните квалитети и да знам што може да очекувам од нив. Секако дека ова нема да биде финалниот филтер за Европското првенство, но голема е честа што сме тука и што ја започнуваме оваа приказна“, заклучи Марковиќ, најавувајќи дека секоја добиена минута на паркетот ќе мора да се одработи со максимално залагање.