„Со Димитријевиќ и Јакимовски би можеле да се надеваме на изненадување во Талин!“

Македонската кошаркарска репрезентација доби ептен силни противници во претквалификациите за ЛОИ 2024 во Париз, откако вчерашната ждрепка нѐ смести во Талин заедно со Естонија, Чешка и Израел, што за капитенот Војдан Стојановски е тешка група во која би можеле да се бориме за стекнување искуство.

Стојановски смета дека групата „А“ е конкурентна, дури и ја оценува како добра, што го објаснува на доста едноставен начин.

„Групата е добра, носи реален квалитет и можност да бидиме каде сме, односно каде ќе бидеме во тој момент. Ќе биде одлична можност за проверка на нашите квалитети во еден повисок квалитативен ранг од оној што го го игравме во изминатите претквалификации за Евробаскетот. Пред нас се три доста квалитетни селекции. Естонија е домаќин на турнирот, а тоа значи дека штом испратиле пријава за организација, имаат високи амбиции. Израел и Чешка се постојани учесници на континенталните собири. Чесите беа и домаќини на една од групите на претходниот собир на најдобрите европски селекции“.

За него е доста поважно во каков состав ќе бидеме на турнирот кој од 12 до 15 август ќе се игра во главниот град на Естонија.

„Дали и колку ќе бидеме конкуренти, зависи во каков состав ќе бидеме во Талин. Се надевам дека за разлика од последниот циклус од претквалификациите, ќе бидеме комплетни. Дека ќе можеме да сметаме и на некои играчи кои ги немавме на минатите натпревари, како Љубомир Младеновски. Се надевам дека ќе го имаме и Ненад Димитријевиќ, дека со нас ќе биде и Андреј Јакимовски. И најважно од сѐ е да нè послужи здравјето во периодот кој што следува“, додава Стојановски.

За Македонија ова ќе биде втор обид да се дојде до олимписки турнир, откако првиот беше неуспешен на квалификацискиот собир во Венецуела за пласман на ЛОИ 2012 во Лондон.