Алкараз ги отпиша сите и пред почетокот најави финале со Синер на мастерсот во Рим!

Шпанскиот тенисер, Карлос Алкарас, по кратка пауза се враќа на терените и тоа на Мастерсот во Рим, каде што ќе се соочи со Србинот Душан Лајовиќ во второто коло.

Заедно со Јаник Синер, кој се враќа на терените по суспензија, важи за еден од главните фаворити за освојување на турнирот. Младиот Шпанец однапред ги отпиша сите ривали и потенцира дека очекува токму тој и Синер ќе се сретнат во финалето.

„Многу ми е драго што Синер ќе игра овде. Му беше тешко, сигурен сум дека паузата му беше долга. Нема подобро место за негово враќање од Рим. Одлично е што е тука – за мене, за тенисот. Очекувам да се сретнеме во финалето, бидејќи сме на различни страни од ждрепката“, изјави Алкарас.

Во своето обраќање, тој ја откри и својата лична промена во пристапот кон спортот, што можеби нема да му се допадне на неговиот тренер Хуан Карлос Фереро.

„Сите се опседнати со резултати и победи – така бев и јас. Но сега, се обидувам да не се фокусирам исклучиво на тоа. За мене е поважно да се концентрирам на играта, на мечевите, на турнирите. Мислам дека тенисерите денес се премногу опседнати со победите“, вели Алкарас.

И покрај тоа што поради повреда го прескокна турнирот во Мадрид, Алкарас уверува дека е подготвен и во добра форма.

„Веќе играм на високо ниво. Секако, првиот меч секогаш е тежок – треба да се навикнеш на условите, теренот, турнирот. Но нетрпелив сум да почнам со игра“, заврши Шпанецот.