Работнички го продал Антиќ за 10.000 марки, ама не кажал дека е – лажно подмладен (ВИДЕО)

Поранешниот легендарен српски тренер, Драган Шакота, во еден од најпопуларните кошаркарски подкасти „Јао Миле“ се осврна и на периодот кога како тренер на грчки АЕК го купил Перо Антиќ од Работнички, кога бил одушевен од момчето родено, како што тогаш мислел, 1984 година.

Грците дури откако платиле 10.000 марки отштета на составот од „Градски парк“ дознале дека сегашниот прв човек на КФМ имал фалсификуван пасош и дека всушност е две години постар од тоа што му пишувало на хартија.

„Кога бев на турнир да ја гледам селекцијата на Грција за играчи генерација 1982 година, која тогаш стана и европски шампион со играчи како Зисис, Спанулис, Кајмакоглу и Бурусис, во очи ми падна Перо Антиќ, кој беше најдобар стрелец на шампионатот. Бев фасциниран од неговата игра, особено што мислев дека е роден 1984 година. Ја знаев цела таа генерација во Европа и реков – друг ваков играч не постои. Веднаш разговарав со менаџерот на АЕК и го купивме за 10.000 марки и тоа лесно. Но, кога тој дојде во Атина и кога требаше да го регистрираме излезе дека тој всушност е роден 1982 година, односно дека настапувал со фалсификуван пасош. Но и со таа возраст се уште беше класа и не зажаливме што го ангажиравме“, изјави Шакота.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by @jaomile_podcast

Српскиот стратег потоа почна да говори за „војните“ што ги имал со Антиќ, особено поради неговата желба да игра на позиција на која тој не го гледал.

„Перо себе си се гледаше како играч на позиција 'три' и избегнуваше секакво туркање под кош, а и немаше никаква игра под кошот. Имаше одбојност кон играта во рекетот, поради што војував често со него“, дополни Шакота.

Антиќ за АЕК потпиша во 2001 година и остана во следните четири сезони. Тој дури во подоцнежниот дел од кариерата сфати дека „парите“ се прават со игра под кошевите, па почна да игра на центарските позиции што придонесе да направи феноменална кариера со три европски титули и настап во НБА.

Неговиот настап со фалсификувана година на раѓање беше вообичаена практика во македонската кошарка во тоа време, кога речиси немаше генерација без десетина кошаркари кои вештачки беа подмладени за две, па и за три години. Поради тоа, ФИБА ја казни Македонија се преселба во Б-дивизијата во 2004 година, поради што моравме да играме со далеку полоши селекции за да се вратиме во елитата.