Јакимовски доби голем комплимент, НБА шампион го нарече - македонска легенда (ФОТО)

Македонскиот репрезентативец, Андреј Јакимовски, го привршува четири годишниот престој на Вашингтон стејт универзитетот и наскоро ќе мора да побара нова средина со оглед што му завршува студентскиот статус, поради што периодот добива почести од својата екипа како благодарност за се што прикажа во дресот на кошаркарската секција.

Тој од овој колеџ ќе си замине со повеќе од 120 одиграни натпревари и ќе остане запишан како еден од десетте најдобри во историјата со 177 досега постигнати тројки и повеќе од 3.000 минути поминати на паркетот. Поради сето ова тој доби посебно видео од својот универзитет на социјалните мрежи, објава под која го доби и најголемиот можен комплимент и тоа од поранешниот НБА шампион со Голден стејт, Клеј Томпсон.

„Македонска легенда“, напиша еден од најдобрите шутери во најсилната лига на светот.

Зад оваа порака стои посебна приказна, а тоа е заедничката средба на Јакимовски со Томпсон пред четири години, кога тој беше „убедуван“ од легендарниот шутер кариерата да ја продолжи токму на Вашингтон стејт универзитетот од каде што потекнува и тој самиот. Тогашното запознавање и заедничка работа прераснало во пријателство и меѓусебна почит, која може најдобро да се види во коментарот на „воинот“ на денешната објава на репрезентативецот на Македонија.