
Српски кошаркар приведен на влез во Хрватска зашто на меч од АБА покажал – три прсти!
Инцидентот се случил на натпревар од АБА лигата, кога Барна постигнал 21 поен и бил еден од најдобрите кошаркари во победата на ФМП против домашниот Сплит (85-72). По тројката, тој го подигнал симболот „три прста“, што довело до навреди од домашната публика и подоцнежна прекршочна пријава од страна на хрватското правосудство. Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека Барна на 28 јули 2025 во 10:41 часот излегол од Србија преку граничниот премин Батровци. Подоцна, во 12:50 часот, српските гранични служби биле информирани од хрватските власти дека Барна е запрен на влез во Хрватска, на преминот Бајаково, поради неплатена казна од 550 евра.
Кошаркарот ја платил казната и веднаш му било дозволено да го продолжи патувањето. Филип Барна (26) ја заврши сезоната како играч на ФМП, претходно настапуваше за Спартак, а летово се споменуваше како потенцијално засилување за Црвена звезда.