
Чупиќ: Имаме една година да покажеме дали сме зрели за овој Вардар...
Во неа ќе влезе со нов тренер, хрватскиот стручњак Иван Чупиќ кој практично се враќа меѓу „црвено-црните“, но во друга улога откако со овој клуб освои две титули во Лигата на шампионите. Негова главна задача ќе биде да ја врати доминацијата на Вардар во домашниот ракомет имајќи предвид дека три години поред, првак на Македонија е големиот ривал Пелистер.
„Вардар има големи амбиции, како и секогаш. Сега со нови играчи и со новиот стручен штаб изгледаме како многу подобра екипа од минатата сезона. Почнуваме со тренинзи, се запознавме и полека чекор по чекор ќе напредуваме. Не ги криеме амбициите и во домашното првенство и во Европа. Квалитетот кој го имаме е многу важен, но за мене сите играчи се нови. Тешка задача е пред нас, но ништо лесно не доаѓа во животот. Многу сум задоволен од стручниот штаб и со целата екипа и сите амбиции кои сами себе ги поставуваме, можеме да ги оствариме. Амбициозни сме и верувам дека околу 1 јуни 2026 година ќе се радуваме.
Разговарав со моите соработници и со сите играчи во екипата и општ е ставот дека Вардар е голем клуб и пред нас е маратон. Ништо не се одлучува за еден месец и до јуни следната година сите сме на проба дали сме на нивото на Вардар или не. Ракометарите ги минаа медицинските тестови, тестовите на снага и трчање и сите сакаат да се докажат во овој дрес“, рече Чупиќ.
Тој веќе ги има на располагање сите ракометари, вклучувајќи ги засилувањата кои дојдоа во текот на летото. Според планот на подготовки, првата недела ќе се тренира во Скопје, додека од 5 до 13 август тимот заминува на висински подготовки во чии рамки ќе одигра и тест дуел со Бутел. Клучните контроли пред стартот на новата сезона Вардар ќе ги има во периодот од 19 до 31 август кога ќе учествува на два турнира, еден во Охрид и еден во Скопје. Суперкупот на Македонија против Пелистер е закажан за 3 септември, а три дена подоцна официјално почнува домашното ракометно првенство.