НБА ѕвезди доаѓаат во Загреб во чест на Дражен Петровиќ - Јокиќ и Дончиќ се преголем залак

Во пресрет на 60-годишнината од раѓањето на Дражен Петровиќ, неговото семејство, Владата на Република Хрватска, Кошаркарскиот сојуз на Хрватска и нивните партнери организираат „Меморијален натпревар во сеќавање на Дражен Петровиќ“ кој ќе се одржи во загрепската Арена, на 5 септември 2024 година.

Кошаркарскиот Моцарт е роден на 22 октомври 1964 година, а загина во сообраќајна несреќа во Германија на 7 јуни 1993. На спектаклот во хрватската престолнина ќе учествуваат голем број европски и светски ѕвезди, потврдено е присуството на Џанан Муса, Торнике Шенгелија, Марко Гудуриќ, Мајк Џејмс итн., како и неколку НБА ѕвезди, но нема да играат Никола Јокиќ и Лука Дончиќ кои се прескапи за овој проект.

„Таа операција беше преголема и прескапа за нас. Летово се одржуваат Олимписките игри, евентуалното доаѓање на Дончиќ и Јокиќ ќе не чинеше 40-50 милиони долари, а тоа е премногу за нас. Ќе присуствуваат 11. соиграчи на Дражен од Олимписките игри во Барселона, а испративме допис до Американците за доаѓање на автохтониот Дрим-тим.

Ќе има и селекција на Европа или, да речеме, Евролига. Никаде не наидовме на затворена врата, евролигашка делегација ќе дојде во најголем можен број, а добивме дозвола и за ангажирање на 4-5 играчи на Реал“, рече, меѓу другото, Александар Петровиќ на денешната прес-конференција.

Во следниот период ќе се дефинира и форматот на кој ќе се игра меморијалниот натпревар. Планирано е да игра европска селекција, предводена од Жељко Обрадовиќ, против репрезентацијата на Хрватска, но наскоро ќе се знае кои кошаркари ќе настапат. Петровиќ додаде дека дел од програмата се чува во тајност и ќе биде изненадување за публиката во загрепската Арена.