Екс-Ју „војна“ на Далечниот Исток: Србија и Хрватска во иста група на ЛОИ во Токио?!

Денешната ждрепка за групите за кошаркарскиот турнир на претстојните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио донесе можност за балканска „војна“ на Далечниот Исток со оглед што во иста група би можеле да се најдат големите екс-југословенски ривали, Србија и Хрватска.

Нивниот меѓусебен дуел засега е под знак прашалник, бидејќи двете селекции прво мора да минат како победници низ квалификацискиот филтер чии се домаќини. Хрватска би требала да биде најдобра на турнирот во Сплит каде што ќе играа уште и Германија, Русија, Мексико, Тунис и Бразил, додека Србија да биде број еден на турнирот во Белград на кој ќе се најдат уште и Италија, Сенегал, Порторико, Доминикана и Нов Зеланд. Победниците од овие два квалификациски турнири ќе играат во групата Б на ЛОИ во Токио, заедно со Австралија и Нигерија.

Во групата А од олимпискиот турнир се најдоа селекциите на САД, Иран, Франција и победникот од квалификациите во Викторија, каде што покрај домаќинот Канада ќе настапат уште Грција, Кина, Уругвај, Чешка и Турција. Во групата Ц, пак, ќе играат Аргентина, Шпанија, Јапонија и најдобриот од квалификацискиот турнир во Каунас на кој заедно со организаторот Литванија ќе настапат Јужна Кореја, Венецуела, Словенија, Полска и Ангола.