Сезоната само што започна, пукна скандал во НБА - уапсени кошаркар и тренер!

Бекот на Мајами Хит, Тери Розиер и тренерот на Портланд, Чонси Билапс биле уапсени во рамки на две одделни, но поврзани истраги за нелегално обложување, објави „ЕСПН“.

Розиер бил  уапсен во хотел во Орландо, еден ден по поразот на неговиот Мајами Хит во првиот натпревар од сезоната против Орландо Меџик. Во таа средба Розиер не настапи по одлука на тренерот. Неговиот случај е поврзан со сомнителни активности при обложување забележани пред натпреварот меѓу Шарлот Хорнетс и Њу Орлеанс Пеликанс на 23 март 2023 година.

Тогаш, неколку спортски обложувалници пријавиле невообичаено голем број облози на тоа дека Розиер ќе има помал број поени, скокови и асистенции од вообичаено, што довело до привремено запирање на обложувањето. Розиер, кој во тоа време играше за Хорнетс, мина само десет минути на теренот, пред да го напушти натпреварот поради наводна повреда на стапалото.

Неговиот адвокат, Џим Трасти, претходно за „ЕСПН“ изјави дека Розиер во текот на 2023 година повеќепати се среќавал со претставници на НБА лигата и ФБИ. Тогаш НБА спроведе внатрешна истрага и утврди дека немало прекршување на правилата.

Од друга страна апсењето на Билапс во Орегон е дел од посебна истрага за нелегална покер-операција поврзана со мафијата, јавува „Еј-Би-Си Њуз“ Се очекува Билапс, кој е тренер на Портланд од 2021 година и поранешен шампион на НБА, да се појави и пред суд.

Фото: EPA